Драмата за првакот: МЗТ Скопје го реши Работнички и се врати на врвот (ФОТОГАЛЕРИЈА)

945

МЗТ Скопје го доби дерби дуелот против Работнички, славеше со 91-87 во рамките на последниот меч од 14. коло во Првата лига. Се гледаше дека „сино-белите“ се исцрпени по АБА-дуелот, но сепак мотивот беше голем да дојде до триумф над најголемиот ривал.

Вечното дерби не понуди квалитетна пресметка, но најважно неизвесноста не изостануваше, беше драматично до самиот крај, како што доликува на една ваков меч. Работнички имаше свои шанси, но беше катастрофален од линијата за слободни фрлања (9/21). На другата страна и домаќинот можеше полесно да го реши овој дуел, но правеше грешки.

Војдан Стојановски беше лидер на теренот и на оваа средба, зад своето име запиша 26 поени, зад него беа Абу со дабл-дабл од 13 поени и 11 скока, како и Вер со 13 поени и Дамјан Стојановски со 12 поени. Кај гостите, Нотиџ имаше 31 поен и одлично 6/8 за три поени, Форте беше стрелец 23 поени. 

Актуелниот македонски првак тргна според очекувања, лесно ја проби одбраната на противникот, поведе со 17-10 после пет минути игра, а потоа имаше и 21-13. На другата страна, Работнички не остана без одговор, со серија од 9-0 го врати првичното водство (23-24).

Но, тоа пак не беше доволно за да застане МЗТ Скопје, следеше серија од 10-0, па веќе на средината на вториот период со тројката на Вер домаќинот ја запиша првата двоцифрена предност од 36-25. Во лош момент се разигра Нотиџ, Шошкиќ погоди тројка за 41-39. На одморот резултатот беше 44-41.

Во првите пет минути, МЗТ Скопје отвори со 16-6 за второ двоцифрено и најголемо водство на мечот од 60-47 во 26 минута. Работнички сепак најде начин како да се врати во игра, благодарение на Нотиџ, иако не ја користеше секоја шанса, имаше лоша реализација од линијата за слободни фрлања.

Последната четвртина Работнички ја отвори со четири поени и намали на 66-61. Војдан со третата тројка зголеми на 73-63 на 6:30 до крајот. Сепак ова не беше доволно за мирен финиш, прво Форте, па подоцна Нотиџ со тројка ја стопи предноста на достижни 75-72. Следеше рафал на тројки, на Војдан и Дамјан кај МЗТ, на другата страна тоа беше Нотиџ, кој никако не дозволуваше мечот да оди во друг правец, со последната намали на 81-78.

Грешки на МЗТ го враќаа Работнички во игра, Нотиџ не се откажуваше, на минута до крајот беше 85-83. Абу зголеми на 87-83, Дамјан направи пет лични грешки, а Нотиџ промаши кога не требаше, беше половичен од линијата за слободни фрлања (87-84). Абу реализираше два „пенали“, Форте со два поени и плус едно слободно доближи на 89-87, откако МЗТ не ја изведе топката на време. Војдан погоди две слободни фрлања за 91-87, на шест секунди до крајот Џексон утна за три поени – за крај на овој меч.

Домашниот тим дојде до 12 победа и со два порази се врати на врвот на табелата, додека Работнички го запиша третиот пораз во низа, вкупно седми оваа сезона.

Во меѓусебните пресметки скорот е 91/67 во корист на Работнички. 

ПретходноЕкс-селекторот се врати во С.Арабија: Хаџиевски повторно тренер на Наџран! (ФОТО)
СледноНа Дурент му понудија јахта за да дојде да игра во Европа!