Анџелика Митрашиновиќ ќе биде еден од лидерите во редовите на македонската женска кошаркарска репрезентација на последните два квалификациски меча за место Евробаскетот во 2023 година, битка која претходно е изгубена.
Иако и на оваа средба Македонија ќе биде ослабена, сепак Митрашиновиќ не губи надеж.
„Последен циклус од квалификациите за европското првенство 2023, а старите болки остануваат. И овој циклус го дочекавме некомплетирани, за жал немавме, и немаме среќа да се собереме сите заедно за квалификациите, и макар сега во комплетен состав да се обидеме и на овие последни два натпревари да победиме, макар на еден. Што е тука е, наше е да го завршиме овој квалификациски циклус на најдобар можен начин, па зошто не и со победа?“.
Вели дека дуелот со БиХ е шанса за прва победа.
„Шансата ја гледаме во дуелот со Босна и Херцеговина, која за разлика од првиот ‘прозорец’ е далеку ослабена и подмладена. Но никако не смееме да ги потцениме. Дел од играчите кои беа носители на Европското првенство сеуште се тука, а квалитетот на босанската репрезентација ни е секако добро познат. Иако можеби се подмладени, сепак имаат голем квалитет. Како и да е, се надевам на добра игра и позитивен резултат“.
Мечот против Босна се игра утре во салата „Сабит Хаџиќ“ во Сараево, со почеток од 20 часот.