Во својот трет меч од групата –Б во СЕХА лигата, Вардар вечерва во „Јане Сандански“ во Скопје, успеа да го победи Татран со 29:24 (15:10).
Солидно издание на Вардар, победа со потребната разлика за запоседнување на првото место на табелата во групата и обезбеден пласман во 1/4финалето во СЕХА лигата.
Најважно е што победата беше поголема од 4 голови, разлика со која Вардар загуби од Татран на гости.
А не почна мечот според очекувањата на вардарци. Дури во 9.минута со голот на Велко Марковски нашиот шампион дојде до +2 и тоа со 4:2. И веднаш Татран врати со серија од три гола за 4:5. Во тие моменти се разиграа Дутра и Георгиевски кои со неколку голови го донесоа Вардар до водство од 11:7, па 12:8. Во тој дел од мечот и Томовски беше расположен за одбрани што им даваше ветар во грб на своите соиграчи кои и со играч помалку успеаваа да стрелаат во мрежата на Словаците.
Треба да се каже дека ракометарите на Вардар имаа и голема поддршка од трибините, “комитите“ беа во елемент, убава атмосфера иако далеку од тоа дека салата „Јане Сандански“ беше полна. Но и тие што беа на трибините правеа добра атмосфера.
Во 29.минута со голот на Моралес, Вардар за првпат дојде до водство од пет гола разлика, разлика која беше посакувана од нашиот табор. На пауза се замина со +5 за Вардар, 15:10. Добро прво полувреме, не којзнае колку спектакуларно, но доволно за оваа позитива од пет гола.
Вториот дел вардаци го започнаа со голови за 16:10, па 17:10. Се виде дека нашиот тим е расположен за игра, далеку подобро издание од првиот меч на гости кај Татран Прешов.
Ова е некоја друга приказна.
Но во продолжение Вардар влезе во криза, а тоа го искористи гостинот со серија од + 3 гола за намалување на водството од 18:14.
Таа мала криза траеше кусо, Томовски се разбрани, а Талески и компанија го полнеа голот на Татран Прешов за 23:15 во 50.минута.
На крајот Вардар го доби овој меч со 29:24, толку колку што беше потребно.
Што се однесува до стрелците, Чувара со пет гола беше најефикасен кај победникот, додека по четири пати погодија Моралес, Георгиевски и Дутра.