Екипите на Милан и Баерн (М) со минимална предност од 1:0 ќе ги дочекаат реванш-натпреварите од осминафиналето во Лигата на шампионите. Вечерва во Милано и Париз навивачите видоа само по еден погодок, во две интересни средби, особено во второто полувреме.
Баерн (М) направи голем исчекор кон четвртфиналето на ЛШ со минималниот триумф на гости кај францускиот шампион. По доминацијата во првиот дел во кој Германците не успеаја да дојдат до гол, Кингсли Коман успеа во 53. минута на асистенција на Дејвис да погоди за предност од 1:0.
ПСЖ кој одигра мизерно прво полувреме, се „разбуди“ по влегувањето на Мбапе во 57. минута, но до крајот имаше една вистинска шанса, токму преку Мбапе, кој погоди во 83. минута, но поради офсајд ВАР го поништи голот.
Милан уште во 7. минута успеа да го отвори резултатот на домашен терен против Тотенхем. Брахим Дијаз по асистенција на Тео Ернандез погоди за водство на „росонерите“, кои одиграа еден мудар меч и до крајот не дозволија Тотенхем да се избори за реми.
Гостите беа многу подобри во второто полувреме, одржуваа пресинг во половината на Милан, но не дојдоа до изгледна шанса за гол.