КФСМ пријави само една млада селекција, Павловски прашува: Дали е ова е почеток на крајот на женската кошарка?

1712

Пред неколку дена се израдувавме на првата победа на македонската сениорска женска кошаркарска репрезентација после десет години на еден официјален натпревар. Од Сараево се испрати порака дека сепак има надеж, но истата брзо згасна.

И самите поискусни кошаркарки во националниот тим испратија порака дека треба да се верува во нив, дека има иднина, но истата треба да се гради, а не да се чекаат десет години.

За цврсти темели треба добра програма и стратегија. А истата падна во вода, откако КФСМ откри дека ова лето само една репрезентација ќе настапува на младинските натпреварувања.

Чудно, но вистинито во женска конкуренција Македонија има пријавено само една репрезентација, до 18 години. Овие кошаркарки ќе учествуваат на ЕП Б Дивизија кое ќе се одржи во Софија.

Ваквиот чин или потег кажува само едно дека ниту ова раководство не успеа да го заживее овој спорт, во програмата беше најавено подигнување на нивото, но истото не мрдна од линијата.

Се радувавме на победата против Босна свесни дека истата ја остварија девојки кои долго време играат во репрезентацијата и кои кога ќе кажат крај ќе настапи мрак. Селекторот Александар Ашаданов во Сараево играше со пет-шест искусни имиња, што пак доволно говори за иднината која ја имаме.

Победата на девојките кои се бореа за секоја топка во никој случај нема да ја ставиме во сенка, зошто тие низ годините и покрај лошите резултати, па и услови никогаш не ја изгубија надежта.

Потегот на КФСМ да пријави само една репрезентација најмногу го погоди првиот човек на Бадел 1862, Љупчо Павловски. Се менуваа раководства во федерацијата, но тој секогаш остануваше еден од ретките кои не се откажуваа од женската кошарка, Бадел играше и во јадранското друштво и секогаш бил константен во сите натпреварувања, па токму затоа неговиот глас има голема тежина.

„Дали полека но сигурно нашата федерација ја става женската кошарка на маргините? Пријавена е само една репрезентација до 18 години, за разлика од претходните години кога се пријавуваа по три селекции. Кој ќе биде мотивот на најмладите кошаркарки за напорна работа, кога нема да можат да ги одмерат силите со своите врснички од другите земји и да видат до каде се и кон што треба да се стремат. Каде е родовата еднаквост?

Дали е ова е почеток на крајот на женската кошарка и на онака лошата состојба?“, е реакцијата на Павловски до нашата редакција.

Тој и на изборот на најдобри имаше замерка до КФСМ, бидејќи наградите во женска конкуренција се доделуваат без логика, но раководството на федерацијата имаше бекап, а тоа е дека гласовите ги даваат фановите, тимовите, тренерите, па и новинарите…

На ова раководство му истекува мандатот, во четири години женската кошарка остана на исто ниво, колку и да сакаме да ставиме розени очила, црното доминира.

ПретходноВалтер разочаран исто како и битолчани: Потфрлија клучните ракометари!
СледноСрамен потег на Рамос: Бесот го истури врз фоторепортерите (ВИДЕО)