Пишува: Зоран Ѓоршоски
Утре со мечевите од 16.коло или прво пролетно, стартува втората етапа од сезоната 2022/23 во Втората лига. И веднаш главното прашање, а тоа е дали Вардар покрај сите проблеми со кои се соочува има сила, поточно има ли право да сонува враќање во елитата?
Во случај да не успее тоа ќе биде рамно на катастрофа, следната сезона ќе биде трета во која Вардар ќе игра во ВМФЛ. Тоа секако дека и најверните фанови на клубот нема да можат да го “сварат“. Имено и клубови како Јуве играле во втора лига, ама веднаш се враќале, а ти, како нели најголем во Македонија, да тавориш три години во ВМФЛ е тоа ќе биде премногу.
Сепак тоа е прашање од втор ред. На прво место е дали Вардар ќе го биде. И нема да го биде секако со овие луѓе што сега се во клубот. Тоа е неспорен факт. Тука нема дилеми. Главен проблем на Вардар не е дали ќе се врати во ПМФЛ. Туку дали клубот ќе успее да се спаси од најлошото, од пропаѓање. И доста веќе со патетични пораки од типот – ајде ќе играме за Вардар, за Комити, не дозволувајте да пропадне Вардар…
Тоа веќе не минува. Се е тоа убаво, ама нели кога ќе се вратиш дома и кога ќе го отвориш фрижидерот, а тој празен, е тогаш ќе сфатиш дека сето тоа е само една обична патетика. Особено ако се знае дека клучните играчи веќе ти заминале а ти се фалиш дека си ангажирал нови имиња, имиња од немајкаде.
И затоа велиме дека Гостивар, Воска Спорт и Пелистер се смешкаат. И со право, па тие не се виновни за пропаста на Вардар. И тие како клубови сакаат во ПМФЛ, тука нема ништо спорно.
Реално, барем ако се оди според предвидувања, Гостивар и Воска Спорт, а и двете екипи и тоа како се засилија, би требало да завршат на првите две места, а амбициозниот Пелистер како трет и би играл бараж.Но не смее да се потцени тимот од Битола, посебно не со новиот тренер Бобан Бабунски кој минатата есен со Победа покажа и докажа дека е супер стратег, дека знае што прави.
А, Вардар, каде е Вардар во оваа цела приказна?
Па, ако се оди според предвидувања и реалните проценки, Вардар во најдобар случај, ако претходно не се распадне за жал, да заврши како четврти или петти.
Но, ова е фудбал, а во фудбалот чудата се можни…сепак дали Вардар има право да се надева и на чудо?
Останува да се види.
До тогаш, во пресрет на утрешниот старт на пролетниот дел во ВМФЛ, да се потсетиме на горниот дел од табелата…
ГОСТИВАР 37, ВАРДАР 36, ВОСКА 34, ПЕЛИСТЕР 30…бодови.