Во Србија наголемо се води битката за тоа кој ќе биде претседател на Фудбалскиот сојуз на таа земја. Драган Џајиќ и Немања Видиќ се кандидатите, но со оглед на тоа како стојат работите и каква “игра“ се игра од страна на челниците на Ц.Звезда, се чини дека некогашниот стопер на Манчестер Јунатед нема шанси да дојде на чело на ФСС.
Со поддршка на Џајиќ од Македонија се јави и Дарко Панчев, секако најдобриот центарфор што „црвено – белите“ го имале во своите редови во историјата на клубот, човекот кој во таа 1991 година им ја донесе титулата европски првак.
Панчев е ценет и респектиран во Србија, па затоа за секој поголем настан или случување се бара и неговото мислење.
Па така на прашањето кој е подобар кандидат, Џајиќ или Видиќ, Македонецот имаше свое мислење за “Спортал“:
“Природно е Џајиќ да биде претседател. Доволно е искусен, нема други обврски, може во целост да се сконцентрира во работата на ФСС.Со помош на тие околу него се разбира може да ги поправи работите во фудбалот во вашата земја, иако според мене тие во последните неколку години се подобри и подобри. Токму затоа мојата поддршка е за Џајиќ“.
Повеќе од јасно е зошто Панчев е за Џајиќ, ако се знае дека тој во периодот кога беше во Ц. Звезда, токму Драган Џајиќ беше прв човек на клубот и двајцата имаа одлична соработка.