Еурофарм Пелистер е елиминиран од Европската лига по поразот на гостувањето кај Мотор, па битолската екипа се фокусира на следните настани: домашното првенство и СЕХА лигата. Во СЕХА лигата исто така немаат победа, запишаа два порази, а утре ќе се соочат со Војводина и потоа со Нексе (14 март). Токму двата порази се од овие два противници во гости. Сега „пелистерци“ ќе играат пред своја публика.
„Имаме само еден ден за да се подготвиме за натпреварот со Војводина во СЕХА лигата. Треба да заборавиме тоа што се случи против Мотор Запорожје, да ги подигнеме главите и да покажеме добра игра и добар натпревар. Ништо не е загубено оваа сезона, има уште многу да се игра. Ја повикувам публиката да дојде да нè поддржи и на крај сите заедно да се радуваме на нова победа.“, изјави Ненад Костески.
А Жарко Пешевски оцени дека овој меч е добредојден за да се залечат раните.
„Војводина е квалитетна екипа, составена од искусни домашни ракометари. Овој натпревар ни доаѓа во лош момент, но може добро да ни дојде за да ги залечеме раните и да биде еден наш нов почеток. Едно будење во кое ќе се подигнеме самите и ќе забележиме поволен резултат, не само на таа средба туку и на натпреварот што нè чека во Суперлигата против Пролет“, изјави македонскиот ракометар.