Сопственикот на швајцарскиот Сион – Кристијан Константин е познат по својата ексцентричност, но неговиот најнов потег го изненади целиот свет. Тој самиот реши да го води тимот во кој настапува Марио Балотели.
Сион е претпоследен во поредокот и е во серија од 11 натпревари без победа, а нивниот последен успех е од октомври. По 0:4 против Сент Гален изминатиот викенд, Константин му врачи отказ на тренерот Фабио Селестини и најави дека сам ќе ја води екипата најмалку во следните два натпревари, немањето професионална лиценца очигледно не му пречи. Неговата самодоверба како фудбалски специјалист доаѓа од неговите години играјќи фудбал како голман за Нојшател Ксамакс, Лугано и неколку други тимови од пониските нивоа.
Бизнисменот, кој е сопственик и на компанија за архитектура, го презеде Сион во 1992 година и во следните пет сезони подигна две титули и три швајцарски купа. Во 1998 година, Константин поднесе оставка, а клубот беше во долгови од 6 милиони евра. Сион никогаш не се опорави финансиски и заврши во третата лига во 2003 година. Тогаш бизнисменот се врати и го спаси Сион од целосен банкрот. Го враќа во елитата и освојува уште 4 национални купови.
Константин често се вклучува во скандали. Во октомври 2017 година, тој доби 14 месеци затвор за напад на поранешниот селектор на Швајцарија, Ролф Фрингер. Пред три години, тој отпушти 9 од своите првотимци откако тие одбија да ги намалат платите по избувнувањето на коронавирусот и суспензијата на швајцарската Суперлига. Статистиката покажува дека за 20 години сменил повеќе од 40 тренери.