Дарко Чурлинов по подолго време одново ќе биде дел од нашата најдобра репрезентација. Токму на време, кога стартуваме со квалификациите за ЕВРО 2024. На 23 март ја дочекуваме Малта во рамките на 1.коло од групата – Ц.
„Навистина се радувам и среќен сум што по подолго време повторно ќе бидам дел од македонската репрезентација.
Изминатите месеци поради повредата на мускулот беа тешки за мене, но сега повторно сум во натпреварувачка форма и се разбира дека тоа сакам да го пренесам на репрезентативните предизвици кои ни следуваат” вели офанзивецот на Барнли.
Тој не крие дека со нетрпение го очекува собирот, закажан за 19 март, во пресрет на дуелот со Малта, а потоа и пријателскиот меч со Ф. Острови.
“Јас ги пропуштив последните три репрезентативни собири и навистина со нетрпение го очекувам собирот за почетокот на квалификациите за ЕП 2024. Речиси секојдневно сме во контакт со репрезентативните колеги и можам да потврдам дека го делиме истото чувство”.
Чурлинов смета дека Македонија е фаворит со Малта, но тоа треба да се докаже на терен:
“За нас, почетокот на квалификациите е многу важен. Фаворити сме против Малта, но тоа треба да го покажеме на терен. Имаме сила, веруваме во себе и така ќе се поставиме. Ќе се обидеме да го пренесеме на терен тоа што од нас го бара селекторот. Некогаш резултатите се добри, некогаш не, но целта е што подобро да ја претставиме Македонија и да постигнеме најдобар можен резултат.
Ќе дадеме се од себе во овие квалификации и верувам дека можеме да направиме голема работа“ заклучи Дарко Чурлинов.