Пишува: Зоран Ѓоршоски
Македонија синоќа на Арената во Скопје со победа и три бода ги отвори квалификациите за ЕВРО 2024. Триумф над Малта од 2:1 и освоени, иако планирани, три бода.
Па така сега по првото коло е на делба со Англија на челната позиција на табелата во групата-Ц.
Ех, кога вака би завршиле квалификациите…каде ќе ни биде крајот.
Генерално јасно е дека овие натпревари се најтешки за играње, кога имаш против себе селекции како Малта. Но, евидентно е, и поради квалитетот и поради рејтингот, дека оваа Македонија може и мора многу повеќе.
Исто така јасно е дека нашиот ростер е тој, со Адеми во тимот ќе беше уште подобро, како и со Костадинов и Николов, во дефанзивниот дел од средниот ред.
Зошто ова го мислам?
Затоа што Македонија веќе извесно време не најде или не изнедри “фантазиста“ или “пакер“ кој би играл зад шпицовите и кој со еден потег би креирал зицер- шанси за Миовски, Трајковски, Несторовски, Чурлинов и другите шпицови.
Најблиску до тоа е Барди, но таков Барди е можен само ако тој нема обврски и во одбраната. Кога позади него би биле Адеми, Николов или екој друг. Вака, тешко.
Вака само ќе се мачиме, ќе ја вртиме топката околу, ќе центрираме пред голот на противникот без никаков ефект
Миовски се трудеше, имаше и шанси, но без ефект. Се разбира делка потег на мечот од негова страна е асистенцијата до Елмас за првиот гол.
Чурлинов позитивно изненади. Иако можеби месец дена нема настапи, сепак донесе свежина во нашата игра. Има нешто во тоа момче, се гледа тоа од авион.
Одбраната не би требало да се коментира со оглед на квалитетот на ривалот, иако имаше на моменти и несигурност. Но тука нема преголем избор, играчите се тие и тие мора да играат. Капитенот Ристовски покажа одважност, се бореше. Покажа и дека тој е еден од клучните, или барем треба да биде, играчи во нашиот тим.
Инаку јасна беше нервозата, грчот кај сите па и кај селекторот Благоја Милевски. Кога немаш победа речиси една години или пет натпревари во серија, така е. Притисокот беше огромен, можеме само да замислиме што ќе беше ако Македонија не успееше да победи. За нас тогаш ќе завршеа квалификациите уште во 1.коло.
Вака сега е полесно, сега до јуни има време некои работи се променат, вкомпонираат, да се врати самодовербата.
Оваа генерација е победничка, тука нема дилеми. Оваа генерација поседува квалитет иако голем дел од овие играчи во последно време и не се во форма, некои од нив немаат минутажа во клубовите, некои се мачат со повреди.
Сепак треба да се биде оптимист, но реален оптимист.
На крај треба да се спомене дека точно е тоа дека оваа Македонија може и мора повеќе, но и точно е тоа дека оваа Македонија и заслужува и поголема поддршка.
Синоќа во поголем дел од мечот тие 10.000 фанови како да беа во театар.
Да не го говориме дека треба, дали против Малта или Англија и Италија, трибините на Арената да бидат полни.
Треба веќе еднаш да се научиме да си ја сакаме и почитуваме репрезентацијата, без разлика против кого играме, без разлика кој игра долу на теренот или кој ја води од клупата.
Така треба, така се дава поддршка.
П.С.
Елмас?
Го заборавив? Не, никако! Зарем треба да се трошат зборови за нашиот Дијамант од кого цела Македонија очекува да направи потег, да ја сврти играта во наша корист, и тој тоа го направи кога беше најтешко.
Даде гол за 1:0 и го отвори патот до победата.
Така прават големите играчи.