Репрезентацијата на Англија на перфектен начин ги започна квалификациите за ЕП 2024 во Германија и победи со 1:2 на гостувањето кај Италија. Нема подобра опција за старт на една кампања од триумф на гостински терен кај директниот ривал за првото место и создавање на стартна предност.
По натпреварот , англискиот селектор Герет Саутгејт го коментираше начинот на кој што Хери Кејн го одигра овој дуел односно неговиот рекорд со 54 постигнати голови во дресот на Англија, како и самиот триумф кој е исклучително важен.
„Неговиот настап вечерва беше извонреден. Тоа можеше да се види на почетокот на натпреварот. Соборувањето на рекордот на начин на кој го направи доволно говори за силата на карактерот и менталитетот на ова момче. Не би можел да бидам посреќен за него и неговото семејство, тие се прекрасни луѓе и тој е брилијантен професионалец. Брзината со која го направи тоа е неверојатно достигнување, има уште долг пат да помине во кариерата“, – изјави Саутгејт.
„Покажавме две страни од нашата игра вечерва. Во првото полувреме одлично ја контролиравме играта и секогаш кога се обидувавме ја пробивавме нивната одбранбена линија. Изгледавме навистина опасно. Требаше да го завршиме натпреварот порано и да постигнеме трет гол пред паузата. Но, се мачевме на почетокот на вториот дел, примивме гаден гол и направивме неколку грешки. На крајот сепак забележавме одличен резултат“, – изјави селекторот на Англија.