Актуелниот тренер на Реал Мадрид, Карло Анчелоти е сериозен кандидат за селекторското место во репрезентацијата на Бразил. Ова веќе не е тајна, бидејќи истото го истакна и претседателот на Фудбалскиот сојуз на Бразил, Едналдо Родригез.
Бразил е без селектор од декември, по разочарувањето од настапот на Мундијалот во Катар, поточно елиминацијата во четвртфиналето.
„Анчелоти е едногласно почитуван меѓу играчите. Не само кај Роналдо или Винисиус, туку и од сите што играле за него“, изјави претседателот на Федерацијата.
Анчелоти има важечки договор со Реал до јуни 2024 година и тоа засега е проблем. Неодамна членот на Манчестер Сити Едерсон откри дека Анчелоти е варијанта за селекторското место.
„Разговарав со Касемиро, Винисиус и Милитао и од она што го дознав, има огромни шанси Карло Анчелоти да стане селектор на Бразил“, изјави Едерсон.
Анчелоти е на клупата на Реал Мадрид во втор мандат од 2021 година и со кралскиот клуб освои две титули во Лигата на шампионите, Ла Лига, Купот на Шпанија, Суперкупот на Шпанија, Светското клупско првенство (2) и Суперкупот на Европа (2).