Пелистер денеска го игра првиот четвртфинален натпревар за пласман на фајнл-фор завршницата во СЕХА-лига. Противникот на Александар Јовиќ и неговите избраници е Татран Прешов, мечот е закажан со почеток во 18 часот.
За битолскиот тим како и секогаш важен фактор се навивачите. Но, по поразот од Вардар 1961 во Скопје и нередите на трибините, „Чкембари“ и раководството на клубот се скараа, а верните фанови најавија дека нема да ги поддржуваат повеќе на ниту еден меч. И покрај ова стратегот на Пелистер испрати апел до сите, да дојдат во сала и да им дадат ветер во грб, зошто Пелистер и „Чкембари“ ја прават Битола.
„Мислам дека имаме два клучни месеци пред нас и сметам дека сите максимално треба да се мобилзиираме за да ја исполниме нашата цел, а тоа е освојување на шампионската титула и Куп-титула. Немилите настани што се случија на дербито во Скопје оставија траги и мислам дека утрешниот е натпревар на кој треба сите заеднички да се сплотиме околу остварување на таа цел. Сметам дека Пелистер плус Чкембари е еднакво на Битола, така што мислам дека е голема шанса. Ги повикувам нашите навивачи да дојдат и да ни дадат поддршка и со позитивна атмосфера да го победиме Татран.“, изјави Јовиќ.
Младиот голман на Пелистер, Марко Кизиќ потенцира дека Татран не е противник за потценување, но неговиот тим оди по целиот плен.
„Се работи за квалитетен ривал, видовме што може Татран досега во СЕХА лигата. Ова е двомеч, нема многу време за подготвување, но верувам дека ќе бидеме доволно подготвени. Нормално, како и на секој натпревар, Пелистер оди на победа. Татран сезонава игра квалитетно, искусно и едноставно е екипа која заслужува респект, ама и покрај сè како што кажав, одиме на триумф“, изјави Кизиќ.










