Одново се вжештија односите меѓу Килијан Мбапе и ПСЖ. И тоа поради маркетинг правата, поточно разни видеа и фотографии, за кои фудбалерот не дал дозвола да ги користи самиот клуб.
Станува збор за промотивното видео на ПСЖ за продажба на сезонските билети за наредната сезона. На ова видео го има Мбапе, но не Меси и Нејмар. Клубот искористил едно интервју да го стави во промотивната кампања и тоа без одобрување на фудбалерот.
Главниот актер на ова видео, Килијан Мбапе, на својот Инстаграм профил, напиша дека е незадоволен од овој потег на клубот и дека тој не ја одобрил оваа кампања.
“Го видов видеото, но треба да се каже дека јас во ниту еден момент не бев информиран за содржината на интерјву. Изгледаше како едно обично интервју за “клупски маркетинг ден“. Не се согласуваме со објавувањето на ова видео. Затоа се борам за моите индивидуални права во однос на фотографиите и видеата. ПСЖ е голем клуб и големо семејство, но тоа сигурно не е Килијан Сен Жермен“ порача Килијан Мбапе.