МЗТ го удавија во плиткото оние кои матно пливаат во длабокото

4278

Чачак, Чачак шумадиски рокенрол. . . Борац доби шанса преку бараж да се бори за опстанок во АБА лигата додека НАШИОТ МЗТ Скопје Аеродром се враќа во втората по ранг лига на регионалното кошаркарско натпреварување. Првакот на Македонија не успеа да опстане во елитата по своја вина затоа што имаше задоцнет финиш и добри игри, но откако ја отвори портата за спас се појавија спасителите на српските интереси и го удавија МЗТ во плиткото токму оние кои се машинерија во оваа лига и длабоко пливаат во матните води.

Деновиве Борац Чачак, медиумите од Србија и многу други неспортски сплеткароши беа ставени во функција да се спасел градот на кошарката, градот на легендите, Чачак, Чачак. . . И откако МЗТ славеше во Сплит а посебно вчера против Цибона одма црвен аларм, веднаш плачки, кукања, молења и епилогот е јасен.
Будуќност очекувано одигра со затворени очи и случајно за прв пат загуби од Борац, и за прв пат загуби дома од екипа што не е од топ 4 во ова натпреварување, и загуби од градот на нивниот тренер, загуби „тесно“… иако гостите постојано водеа, лесно даваа кошеви, скокаа, а не беа ниту Црвена Звезда, а ниту Партизан!

Смешна е оваа лига и дури сега треба да се сетиме на она што еден водител од кај нашиот северен сосед пред неколку дена јавно на ТВ истакна – “Понаместена лига од АБА лигата е само Српската лига“.
Се е кажано и во целата таа игра жртвата како и секогаш сме ние – МАКЕДОНЦИТЕ!

Кој ни е виновен што немаме судии во АБА! Никој – самата наша кошарка е дно и затоа ова се случува со секој проект кој наликува на нешто сериозно.

Дали МЗТ треба да игра во АБА лигата? Повеќе НЕ отколку ДА. Се трошат огромни финансии за играчи и тренери кои доаѓаат од земјата која го мести нашиот најдобар тим. И не само МЗТ – целата наша кошарка е преполна со играчи кои имаат квалитет за јужноморавски регион (Врање, Прешево, Лесковац. . .)
Од такви „причи“ се случува ова што ни се случува па уште и гледаме коментар на АРЕНА на нивни јазик и нивни коментатор кој ни се смее, кој не руга и кого 40 минути го слушаме како Чачак е Чачак, како тоа е град на легенди на бла, бла, бла. . .
Ќе се освестиме ли некогаш!?

Судиите. . .!!!
Е тоа се посебна приказна. Среде Подгорица во „црвено-бели“ дресови но и на сите тие грешки нема кој да викне, нема кој да негодува – се беше подмачкано и како треба. На пресуден меч на Борац му судат двајца арбитри од Србија и еден од Црна Гора. Не, не. . . никако тоа не е намерно, се е тоа случајност. Милојевиќ од Краљево и Пецељ од Нови Сад. Тоа ти е како на МЗТ некогаш (а тоа нема да се случи никогаш), на пресуден меч да му судат арбитри од Велес или Кавадарци.

И најсмешното!?
Каква е регуларноста на лигата кога двата врзани меча кои одлучуваат за опстанок не се играат во исто време. Во која лига го има ова како во ова АБА лига. Во која лига каде се вложуваат милионски цифри се случува вакбо скандалозно менаџирање. Никаде, никаде и никаде.
МЗТ испадна и тоа беше јасно, нема оправдувања, ова е неуспех но клубот од Скопје не можеше подалеку од ова затоа што стана жртва и на надворешните но и на внатрешните „пријатели“ кои нудеа и ветуваа помош но откако си го добија тоа што им требаше заборавија дека со добар МЗТ ќе имаме и добра репрезентација на пример.

Вака сега ќе си пливаме во плиткото и со „матните“ во второто по ранг натпреварување од АБА ако во истото и треба да се игра – иако како новинари сметаме дека МЗТ мора да покаже карактер и да го крене гласот поради комплетниот хаос и стапицата во која беше фатен од страна на главните протагонисти во АБА лигата. Нека кажат од централата дека Македонија не е интересна и нека си прават лига за забава, за коефициенти и превари и тоа со јака машинерија и коментатори на туѓ јазик кои ќе ни кажуваат за Чачак, Чачак, Чачак. . .

И на крајот поголема брука од онаа на тренерот од Чачак кој е на клупата на Будуќност и советот на последниот тајм-аут: „Не пуцајте за тројку. . . ха, ха, ха “.
Честитки и за сите оние кои денеска профитираа и имаа добро инфо за 5 коефициент и победа на Борац!

И за крај една песна од АБА, „Money, Money, Моney. . . “ – тоа беше најголемиот хит на АБА и памет за МЗТ на кого му верува и кого го ангажира за спасител. Доста си сите тие „причи“ – еве колку добро му мислат сите тие кои прво си го штитат своето а нас не сакаат само кога им требаат нашите пари – парите на МЗТ!

ПретходноУште еден студен туш за Интер – Монца ги однесе бодовите од „Меаца“
СледноРеал во финишот го скрши отпорот на Кадиз (видео)