По првите 45.минути од дербито на 28.коло во ПМФЛ меѓу Брегалница и Шкендија во Штип, резултатот е 0:0. Интересно дерби, со неколку добри акции, со иницијатива на Шкендија, но и со обиди од контри и полуконтри на Брегалница да се загрози голот на тетовци.
Дориев во 18.минута со прекрасен удар, по додавањето на Чинари, ја погоди пречката на „сините“, а само две минути подоцна исто Дориев од лево шутираше кон голот на Шчекиќ, недостигаа сантиметри за водство на тетовци, и сега Брегалница имаше многу среќа.
Имаа среќа домашните и во 42.минута кога Шкендија преку Чинари ја погоди стативата на Брегалница.
Во 45.минута Алтипармаковски имаше зицер, идеална шанса за водство на Брегалница, но тој шутираше над голот на Шкендија.
Да споменеме дека по еден дуел меѓу Бејтулаи и Алтипармаковски домашните бараа пенал, сепак судијата Трпчевски не се реши да покаже на белата точка за „сините“.
Во случај на победа, тогаш Шкендија ќе и се приближи на лидерот Струга ТЛ на само три бода, а допрва ќе се игра тој меч меѓу тетовци и стружани и тоа под Шара.
Токму затоа победа во Штип денеска е императив за составот на Ќатип Османи.