На отворањето на 28.коло во ПМФЛ, денеска во Штип во дербито, Шкендија со 0:1 успеа да ја победи Брегалница и да освои големи златни три бода во битката на титулата. Сега тетовци се на само -3 бода во однос на лидерот. Ова е шеста победа во серија на Шкендија, и сега и тоа како се вжештува трката за титулата.
Инаку ова е и прв пораз на Горан Здравков како тренер на Брегалница.
Победничкиот гол беше дело на Клисман Цаке во 64.минута.
Првиот дел измина со иницијатива на Шкендија, гостите го имаа псоедот на топката, тргнаа во напад со цел да се постигне гол. Дориев во 24.минута ја погоди пречката, две минути подоцна имаше и шанса за водство, но сепак резултатот остана оној почетниот 0:0.
Шкендија во финишот на првиот дел ја погоди уште еднаш рамката на голот, и тоа преку Чинари, а во 45.минута по одличниот центаршут на Додев, Алтипармаковски имапше зицер, но шутираше над голот на Талески.
Во првиот дел од второто полувреме Брегалница се отвори, се закани, играше навастина добро и борбено а во 47.минута имаше двојна шанса за гол во еден напад. Прво Додев премногу компликуваше откако се најде сам пред голот на гостите, а Ѓорѓиев ја погоди пречката.
И кога не се постигнува гол тогаш казната стигнува на другата страна. И тоа во ек на добра игра на “сините“, Шкендија во таа 64.минута поведе и тоа со голот на Цаке, кој одлично го искористи центаршутот на Чинари од корнер, и со глава ја смести топката во мрежата на Брегалница за 0:1.
Да кажеме дека десет минути претходно имаше мала “гужва“ на теренот, турканица на работ на голем инцидент, откако домашните беа гневни што гостите не ја запреа играта по повредата на Андонов кој остана да лежи долу на теренот.
До крајот на средбата Брегалница настојуваше да дојде до гол, до израмнување на резултатот, Додев во 89.минута имаше зицер, но сепак на крајот Шкендија се радуваше, а Брегалница тагуваше по овој пораз.
Сите останати мечеви од 28.коло се играат утре со почеток од 16 часот.