Одбојкарите на Струмица Никоб се старите-нови шампиони на Македонија. Во финалната серија со екипата на ГОК Борец, струмичани славеа со 3:0, откако го добија и третиот меч одигран денеска во салата „Парк“ со максимален резултат – 3:0 (25:18, 26:24, 25:19).
Избраниците на Кире Ричлиев не дозволија изненадување, иако велешани имаа шанса во вториот сет да ја продолжат серијата, но за жал не ја искористија предноста од две сет-топки. Струмица Н. покажа дека и оваа сезона е доминантна на домашната сцена, освојувајќи ја 9-тата двојна круна низ историјата.
Одличен меч имаа Милев и Хараба кои средбата ја завршија со по 12 освоени поени. ГОК Борец го потврди квалитетот прикажан во тековната сезона, но немаше сили за сензација.