Платиле 400 евра за празни трибини: Шкупи и Лапи ја почнаа „битката“ уште од Струга

3494

Македонскиот вицепрвак Шкупи во првото квалификациско коло од Конференциската лига на УЕФА ќе ги одмери силите со косовскиот клуб Лапи. Првиот дуел се игра во Скопје на 8 јули, а реваншот е во Приштина.

Сепак, овие два тима веќе се во „битка“. Двата клуба се подготвуваат крај Охридското езеро. Вчера на пример не успеа „шпионската“ мисија на Шкупи. Лапи играше тест дуел со албанскиот првак Теута и победи со 1:0 на стадионот на „Караорман“ во Струга, со гол од пенал во 90. минута.

Косоварите платиле 400 евра за да нема публика, за да не се случи да дојдат „чаирчани“ и да ги скенираат нивните квалитети. Од Шкупи се појавиле на стадионот, но не им било дозволено да влезат внатре. Сепак, стадионот во Струга не е објект кој може целосно да се затвори, па така има многу места „дупки“, огради… од каде можеби нема идеални услови за гледање, но сепак може да се скенира.

За Лапи на дуелот со Теута настапил довчерашниот стопер на Работнички, Христијан Гроздановски. Тој се уште официјално не е дел од оваа екипа и не е во ростерот за дуелите со Шкупи.

фото: K.F. Llapi facebook

ПретходноНОВ СВЕТСКИ РЕКОРД: Прва жена која 400 метри со пречки истрча под 52 секунди! (ВИДЕО)
СледноНа Олимпијадата ќе може до 10.000 гледачи, но не смеат да викаат и гласно да зборуваат!?