Полека, но сигурно се наближува 6 јули за кога е закажан првиот меч од стартот на квалификациите во Лигата на Шампионите, во кој Шкендија се среќава со Мура. Првиот меч се игра во Скопје, на Арената “Тодор Проески“ со почеток во 20 часот, но можно е да дојде и до измена на сатницата.
Инаку денеска по утринскиот тренинг, експедицијата на тетовци отпатува за Банско (Бугарија) каде утре се среќава во пријателски меч со тимот на ЦСКА 1948 Софија. Овој меч полнува во 17:30 часот по македонско време и ќе биде последна проверка за нашиот шампион пред двомечот со Мура.
Поради повреда со екипата не отпатувал Бруно Дита, исто на мали повреди се жалат Зија Мерџани и Леард Садриу, а иако отпатува за Банско, утре нема да настапи голманот Костадин Захов кој исто така се жали на повреда и со него нема да се ризикува.