Вардар повторно е на колена, а причината е дебитантот. Иако Алкалоид во полуфиналето на Купот на Македонија беше убедливо совладан од „црвено-црните“ тоа не беше причина за да избраниците на Кирил Лазаров да одиграат уште еден добар меч во последното коло од оваа сезона и по вторпат да му земат скалп на најтрофејниот тим.
Младите момци славеа со 21-25, со овој триумф тие сезоната ја завршуваат на второто место на табелата, што значи директно место во Европската лига.
Серафимов постигна шест гола, Џонов запиша четири во редовите на победничкиот тим, на другата страна Георгиевски, Талески и Дутра имаа по четири гола.
По 5-3 за домашниот состав, гостите со серија од 4-0 го свртеа мечот, поведоа со 5-7, и од овој момент го превземаа водството, кое во првото полувреме беше и три разлика (7-10, 8-11 и 9-12). На одморот Вардар намали на 10-12.
Вардар во продолжение успеа да израмни беше 18-18, момент по кој Алкалоид врати со серија од 3-0 за 18-21 во 50 минути, благодарение на добрите одбрани на своите голмани. И тука не застанаа младите ракометари на Алкалоид, во 56 минута поведоа со 19-23, Недановски повика тајм-аут. Гостите минута подоцна повторно имаа плус четири (20-24), не дозволија пресврт и сосема заслужено се радуваа на триумфот над искусниот противник.