Доминација на МЗТ Скопје, Пелистер покрај првакот изгледа како бледа слика (ФОТО)

539

Првата финална пресметка во плеј-офот му припадна на МЗТ Скопје кој славеше против Пелистер со 84-64 за водство од 1-0 во серијата „прв до три победи“. Битолчани кои бараа подолг одмор пред стартот на битката за титулата и се причината која финалето почна после десет дена пауза, на теренот делуваа без сили, исцрпено, па МЗТ Скопје без мака дојде до триумфот.

Абу со 20 поени и 6 скока беше прв стрелец кај победникот, Крстевски запиша 15 поени и седум скока, Војдан имаше 11 поени и 9 скока. На другата страна Стајиќ и Карпентер имаа по 16 поени.

Мечот почна изедначено, со тоа што домашниот тим со серија од 10-4 поведе со 14-8, а малку подоцна и со 16-10. Две грешки на Кук, кој направи и намерна, го вратија Пелистер во игра, па по првата четвртина беше 18-18.

Во втората четвртина сликата се промени, битолчани влегоа во криза, реализацијата беше под нивото, па на другата страна Војдан, Дамјан и Абу го повлекоа МЗТ Скопје. Бранителот на титулата со серија од 13-0 поведе со 39-25. „Сино-белите“ имаа и плус 16 (39-23). На одморот гостите со кошот на Караџовски намалија на 41-29.

Абу со атрактивно забивање по вторпат зголеми на плус 16 (48-32) во 24 минута. МЗТ Скопје успеваше да ја држи двоцифрената предност која се движеше од 16 (52-36) до 15 поени (61-46). Карпентер се разигра нешто во третиот период па со неговата тројка намали на 61-49 на стартот на последните десет минути.

Во првите пет минути од последниот период, не се промени ништо на теренот, МЗТ Скопје водеше со 69-54 и покрај тоа што Карпентер се обидуваше да ги разбуди своите соиграчи. Покрај тоа што немаа сили, кошаркарите на Пелистер повеќе преферираа индивидуална игра отколку тимска, па на крајот ја платија сметаката за тоа. Во 36. минута на семафорот стоеја плус 21 (76-56). Ваквиот расплет му дозволи на младиот Атанасов во игра да ги уфрли и помладите кошаркари.

И втората средба се игра во Скопје, а најверојатно истата ќе биде на програмата во среда, се чека потврда од КФСМ.

 

ПретходноКрстовски стрелец во победата на Слога за опстанок
СледноРоглич со триумф на Џиро д’Италија 2023