Прва победа во Златната лига: Белгија падна во Скопје, следна е Хрватска

1101

Машката одбојкарска репрезентација на Македонија ја оствари првата победа во Европската Златна лига 2023 откако вечерва во СЦ „Борис Трајковски“ пред околу 1200 гледачи ја совладавме Белгија со 3:1 (25:21, 25:23, 17:25, 25:21). Македонија одигра извонредно борбени четири сета против силната Белгија и покажа дека не случајно сме дел од европскиот одбојкарски крем. Предводени од капитенот Никола Ѓорѓиев, но и денеска одличните Владо Милев, Александар Љафтов и техничарот Ѓорѓи Ѓорѓиев со голема поддршка од сите кои добија шанса на теренот, ова беше и првата победа на Македонија под водство на повратникот на нашата клупа, селекторот Миленкоски.

Како и што можеше да се претпостави, мечот започна со израмнета игра на двете страни. Ние се одлепивме на стартот со 3:1, но Белгијците брзо возвратија. Дојдовме во егал и така продолживме се до првата поголема предност за нас на 11:8, што го принуди гостинскиот селектор Занини на прв тајм-аут. Работите не се променија драстично и ние продолживме да одржуваме предност од два до три поени (15:12). Белгијците успеаја да се вратат за нова неизвесност (17:16). Во наш стил се вративме со предност на плус три (20:17), но Белгија повторно се враќа во живот со два поени во серија што го натера Миленкоски на нов тајм-аут.  Кога беше одлучувачко, Никола Ѓорѓиев и Владо Милев освоија три тешки поени и не донесота до 24:21. Уште во првата сет-топка Љафтов со ас поен успеа да донесе водство за нас – 25:21.

Белгија подобро го отвори вториот сет. По стартното водство од 0:2, успеваа да одржат предност од неколку поени, додека ние се мачевме да се вратиме во сетот. Лошиот прием на сервис ни направи многу провлеми, па Белгија стигна и до 11:6 и најави дека ќе оди на израмнување. Белгија константно имаше четири до пет поени предност, пред ние да врземе серија на сервис на Милев и да дојдеме до 13:15. Иако гостите повторно зголемија на четири поени (13:17), нашите момци не се предадоа и со серија од 4:0 дојдовме до израмнување (17:17). Иако гостите повторно поведоа со два поени предност, ние со пеколен финиш направивме пресврт и прво водство во завршницата на сетот (21:20). Пеколната завршница со неколку тешко поени не донесе до две сет-топки на 24:22. Првата не ја искористивме, а втората Регерс ја испрати во сервис-аут за конечни 25:23 и водство на Македонија од 2:0.

Гостите подобро тргнаа и во третиот сет. Стартното водство од 1:5 како да ги преслика случувањата од вториот сет, па Миленкоски мораше да бара тајм-аут. Откако Белгија ја задржа предноста, од нашата клупа со нов потег – промена на техничарското место. Во игра влезе Филип Деспотовски, но Белгија остана со висока позитива (4:9). Петте поени предност гостите ги задржаа до средината на сетот кога влегоа со водство од 11:16. За разлика од минатиот сет во кој успеавме да се вратиме со пеколен финиш, овој пат Белгија не попушти. Успеа да ја задржи предноста до самиот крај и да го освои првиот сет – 17:25.

Незвесен почеток на четвртиот сет. Игравме поен за поен се до првата предност од два поени за нашата репрезентација, 9:7. Белгијанците се вратија за 9:9, но ние повторно играме одлично во одбрана, што продуцира одличен напад и предност од три поени 12:9 за прв тајм-аут за Белгија. И по одморот не се променија работите. Ние одигравме одлично на блок и со нова серија доаѓаме до највисоки плус пет (15:10). Предноста ја доведовме до одлична завршница на сетот во која влеговме со предност од 20:14, пред се поради тоа што гостите загубија концентрација и направија бројни грешки во нападот. Ние одигравме беспрекорно на блок и го решивме сетот, а воедно и мечот – 25:21.

Следниот меч за нашата селекција е веќе во сабота против Хрватска на домашен терен, каде ќе ја бараме и втората победа во групата.

ЕВРОПСКА ЗЛАТНА ЛИГА 2023

2 КОЛО

Украина – Хрватска 3:0 (25-19, 25-18, 25-19)

Македонија – Белгија 3:1 (25-21, 25-23, 17-25, 25-21)

ПретходноЈувентус ја одбил првата понуда на Баерн за Влаховиќ
СледноЃорѓиев: Победивме силна екипа, за следните мечеви мораме ментално да созрееме