Златна лига: Во нов трилер-меч Хрватска во петтиот сет подобра од Македонија

250

Во трилер меч во пет сета, Македонија е поразена на гостувањето кај Хрватска во рамките на 5. коло од Европската Златна лига. Хрватите по голема борба на крајот на дуелот во Задар славеа со 3:2 (20-25, 25-17, 25-23, 15-25, 15-13) и ја остварија својата прва победа во групата.

За нас мечот почна идеално. Одличен прв сет, доминација од почетокoт до крајот на сетот и убедливи 25:20 за водство од 1:0. Во вториот сет Хрватите одиграа одлично на блокот, практично не ни дозволија лесни поени и мнoгу брзо не „откажаа“, па Миленковски им даде шанса и на дел од момците од клупата кои на крајот застанаа на 17 освоени поени.

Третиот сет беше неизвесен до самиот крај. Со Деспотовски на техничарската позиција успеавме да ја стабилизираме играта во нападот, фативме неколку важни поени на блок, но во самата завршница Хрватска имаше повеќе нерви и успеа да го добие сетот со 25:23.

Нашата добра игра продолжи во четвртиот сет во кој Хрватска беше без одговор. Успеавме да направиме голема предност уште до средина на сетот (13:19), а потоа со мирен финиш да се избориме за тај-брејк сет.

Во решавачкиот петти сет се играше поен за поен до самиот крај. Иако имавме два поени предност (10:12), Хрватите успеја да се вратат на наши грешки и со еден ас-поен да се изборат за прва меч-топка на 14:13. Во следниот налет Хрватска искористи уште една лоша поставеност на нашата одбрана и се избори за поен кој за нив значи прва победа во групата.

Никола Ѓорѓиев средбата ја заврши со 22 поени, а одлично издание имаше и Филип Савовски кој реализираше 17 поени за Македонија. Ѓирлиќ беше најдобар во составот на Хрватска со 22 поени.

Македонија в сабота во СЦ „Борис Трајковски“ ќе го одигра последниот меч во групата против Украина, која по пет кола има исто толку победи. Денеска Украинците ја „демолираа“ Белгија со 3:0.

ЕВРОПСКА ЗЛАТНА ЛИГА 2023

5 КОЛО

Украина – Белгија 3:0

Хрватска – Македонија 3:2

Standings provided by Sofascore

 

ПретходноБарела демантира трансфер во Њукасл: Не сум разговарал со никого!
СледноБаерн го „мами“ Кореецот од Наполи со плата од 10 милиони евра