Наредниот четврток, значи на 8 јули, три наши клубови ќе ги одиграат првите мечеви од 1.квалификациско коло во новоформираната Конференциска лига. Познати се термините, сатниците, а познати се и судиите кои ќе ја делат правдата на Шкупи, Струга ТЛ и Силекс.
Шкупи со косовскиот Лапи игра на Националната Арена “Тодор Проески“ во Скопје со почеток од 20 часот. За главен судија делегиран е Алард Линдхоут од Холандија. Исто така и неговите помошници се од Холандија.
Струга Трим Лум гостува во Летонија, на тимот на Лиепаја, мечот започнува од 16 часот. Главен судија на овој натпревар ќе биде Виктор Шимишук од Белорусија.
Силекс пак ќе биде домаќин на тимот на Петрокуб од Молдавија, и тоа на ФФМ, а мечот започнува во 16 часот. Делител на правдата ќе биде Роберт Јан Џенкинс од Велс.
Да потсетиме дека реваншите се играат за седум дена, тогаш Шкупи и Силекс ќе гостуваат, додека Струга ТЛ ќе игра дома, и тоа на стадионот на ФФМ.