И Олимпик Марсеј работи на својата екипа за новата сезона. Клубот од „Велодром“ сака да ја врати старата слава, а засега тешко му оди тоа. Па затоа работи на засилување на екипата со млади и перспективни играчи кои треба да го вратат сјајот на овој популарен француски клуб.
Така за три дена, Марсеј реализира четири трансфери. Прво како слободен играч од Б тимот на Ница на „Велодром“ се пресели десното крило Салим Бен Сехир. Од Б тимот на Барселона дојде американското лево крило Конрад де ла Фуенте за кого се платени 3 милиони евра. Најзвучното засилување е играчот од средниот ред Жерсон, кој дојде од Фламенго за 25 милиони евра.
Денеска е договорено со Дортмунд за 8 милиони евра да биде откупен аргентинскиот централен бек Лео Балерди. Тој е екс-играч на Бока Јуниорс, во 2019 беше во Борусија Дортмунд, а минатата сезона ја играше во Марсеј.
Засега клубот го напуштија Флоријан Товин кој отиде во мексикански Тигрес, Максим Лопез во Сасуоло, Хироки Сакаи се врати во Јапонија, а Јуто Нагатомо, Валери Жермен, Жоан Пеле беа ослободени и како слободни фудбалери можат да си бараат нови клубови.