Барселона очајна во потрага по свежи средства за формирање на тимот за следната сезона е на чекор до продажба на дел од тимот. Според каталонски „Спорт“, на излезна врата од „Камп Ноу“ е дефанзивецот Жуниор Фирпо, кој во скоро време се сели во Англија.
Жуниор Фирпо е на чекор да му се приклучи на Лидс Јунајтед за фиксен надомест од 15 милиони евра. Сè ќе биде официјализирано во наредните денови, откако тој ќе ги мине лекарските прегледи.
Барселона му порача на Жуниор дека е вишок во тимот и може да си бара нов клуб. За него понуди има и од Италија, но главно беа за заем. Барселона секогаш дава приоритет на продажба, па затоа Фирпо ќе се пресели во Лидс.
Се очекува тој да потпише четиригодишен договор со клубот од Јоркшир, со тоа што Барселона нема да задржи процент од следна продажба. Со доаѓањето на Фирпо, станува се појасно дека нашиот Алиоски е поблиску до заминување од „Еланд Роуд“, затоа што Фирпо ќе ја покрие токму неговата позиција на лев бек.