Македонската машка јуниорска репрезентација запиша пораз на првиот меч на Европското првенство „Б“ Дивизија. Избраниците на Андреј Апостолски Лечиќ беа совладани од Велика Британија со убедливи 68-84.
Противникот имаше одличен влез во првата четвртина, која ја доби со 9-17, а отвори со 5-15. Во вториот период Македонија успеа да се консолидира и да поведе со 26-25 со поени на Луканоски, но пред одморот одново влезе во лош ритам, па Велика Британија дојде на плус седум 27-34.
Веќе во третиот период македонските кошаркари целосно паднаа, противникот набрзина дојде на плус 36-56 и до крајот без проблем ја одржуваше позитивата за втора победа на овој шампионат.
Марко Луканоски со 22 поени и 9 скока беше најдобар во нашите редови, Шошкиќ постигна 12 поени, еден помалку имаше Јаничиќ.
Македонија својата шанса за победа ќе ја бара против Австрија, која запиша две победи во низа.