Бразилскиот напаѓач Нејмар по шест години заминува од ПСЖ. Мистерија е само неговата идна дестинација.
Бразилецот не беше во протоколот на ПСЖ на мечот со Лориен од 1.коло од новата сезона во Лига 1 што само се подгреваат информациите дека тој заминува. Пред неколку денови „Л’Екип“ излезе со информација дека Нејмар веќе им соопштил на раководните луѓе на ПСЖ дека сака да си оди.
Па останува прашањето – Каде?
Според неколку извори од Франција и новинари кои се занимаваат со трансфери, ПСЖ преговара со Ал Хилал за трансфер. Се работи за мега трансфер вреден преку 80 милиони евра.
Од друга страна, според шпанските медиуми, Нејмар преферира да остане во Европа што значи дека опцијата да се врати во Барселона е отворена. Раководството на шпанскиот шампион е отворена за разговори, но сигурно не е моќна да ја изедначи финансиската понуда на Ал Хилал.
Нивната желба е бразилскиот напаѓач да дојде на позајмица на една сезона.
Ќе видиме што ќе биде изборот на Бразилецот, милионите од Саудиска Арабија или да се врати во омилената Барселона.