Манчестер Сити и Севиља вечерва во битка за европскиот Суперкуп

126

Манчестер Сити и Севиља вечерва од 21 часот ќе го одиграат УЕФА Суперкупот со кој и официјално ќе се најави стартот на новата европска клупска сезона. Натпреварот меѓу победникот во Лигата на шампионите и победникот во Лига Европа ќе се одигра на стадионот „Георгиос Караискакис“ во Пиреја, Атина.

Минатата сезона Манчестер Сити постигна историска тројна круна, само втора досега за некој англиски клуб, откако ја освои титулата во Премиер лигата и трофеите во Лигата на шампионите и ФА Купот. Сега „граѓаните“ ќе се обидат да додадат уште еден трофеј во своите витрини.

Ова ќе биде прв настап за Сити во Суперкупот на Европа, додека Севиља има огромно искуство, но само еден трофеј од овој УЕФА куп. Андалузијците по седмипат од 2006 година ќе се борат за овој трофеј, а единствен пат кога успеаја да го кренат пехарот во своите раце беше во 2006 година која ја совладаа Барселона со 3:0. Шпанскиот клуб од таа 2006-та до сега е во серија од пет последователни порази во Суперкупот.

„Не можете да замислите колку сме среќни што ќе учествуваме во овој натпревар. Мораме да ја искористиме оваа можност, никогаш не се знае кога ќе ја имаме повторно. Нема да ни биде лесно против Севиља. Имаат одличен карактер и издржливост и знам дека ќе бидат опасни“, изјави на прес-конференцијата менаџерот на Сити, Пеп Гвардиола, кој нема да може да смета на првата ѕвездаво тимот, Кевин де Брујн.

„Мило ми е што сме тука, што успеавме да освоиме трофеј во тежок период за клубот. Направивме нешто добро што може да има добри импликации за иднината“, вели, пак, тренерот на Севиља, Хозе Луис Мендилибар.

Манчестер Сити официјално ја започна својата сезона во Премиер лигата со победа од 3:0 против новајлијата Барнли, додека Севиља настапот во Ла Лига го започна со пораз од 2:1 на домашен терен од Валенсија.

МОЖНИ СОСТАВИ:

Манчестер Сити:
Ортега; Вокер, Аканџи, Гвардиол, Аке; Родри, Ковачиќ; Фоден, Алварез, Грилиш; Халанд

Севиља:
Боно; Навас, Гудељ, Баде, Акуна; Џордан, Фернандо, Ракитиќ; Сусо, Ен-Несири, Окампос

ПретходноИгор Иџе Стефановски е на чекор до освојување на нова европска титула
СледноПочнува 51. издание на Струшкиот турнир