Јончевски по враќањето од Талин: Откажувањата ни направија огромен проблем

215

Македонската кошаркарска репрезентација со три порази се врати од претквалификацискиот турнир во талин за ЛОИ 2024. Видно изменениот и подмладен состав на Македонија не успеа да обезбеди пласман во следната фаза од претквалификациите, а селекторот Александар Јончевски излезе со своја анализа на настапите во Естонија.

„Направивме низа на грешки, и тоа во серија, што нè чинеше пораз. Чесите се одлепија резултатски. Повторно се вративме,  но не целосно, за да успееме и да изненадиме. Сепак се работи за селекција во која имаат играчи од НБА и од Евролигата, за кои, во одредени делови од натпреварот и немавме адекватен одговор. Таков всушност беше и целиот турнир. Додека сите други екипи имаа играчи од најсилните светски лиги, ние имавме огромни проблеми и да го составиме тимот по многубројните откажувања. Па така шанса за настап добија играчи, многу поголема и од онаа која ја имаат во нивните матични клубови“, вели Јончевски.

Токму тој краток простор за маневар, за ваков, турнирски систем на натпреварување, е и основната причина за овие резултати кои се далеку од некои поранешни, смета Јончевски.

„Можеби тоа е и најголемиот проблем, каде дел од нашите стандардни, а сега и потенцијални репрезентативци не добиваат доволно простор каде би можеле да напредуваат, а со тоа и самата репрезентација. Некои од нив ги одиграа и првите минути во сениорска репрезентативн кошарка оваа сезона. Верувам дека од овој турнир ќе извлечеме огромна поука, не само ние во стручниот штаб, туку и самите играчи. А тоа е дека во моментов сме далеку од квалитетот на репрезентациите со кои сме биле рамо до рамо, а некогаш и многу подобри. Треба да сфатиме дека тоа време помина, и дека сега е времето на новата генерација која треба да даде резултат во наредниот период. За да се случи тоа треба огромна работа, пожртвуваност и желба од страна на потенцијалните репрезентативци, а секако и услови во клубовите во кои настапуваат“, потенцира Јончевски.

ПретходноБоли не застанува: Челзи купи уште еден Бразилец за 20 милиони евра
СледноИгор Иџе Стефановски е на чекор до освојување на нова европска титула