Македонската одбојкарска репрезентација вечерва со натпревар против селекцијата на Јапонија ги започнува настапите на 47. издание на Меморијалниот турнир „Бранко Хаџииљоски – Чајка“. Турнирот во СЦ „Борис Трајковски“ ќе биде последна глазура на формата на избраниците на селекторот Јошко Миленкоски пред стартот на Европското превенство во Скопје.
Годинава „Чајка“ има интерконтинентален карактер што му дава посебна тежина на едне од најстарите одбојкарски турнири во регионот. Покрај Јапонија, гости на турнирот ќе бидат и селекциите на Грција и Египет.
Грците како и ние се подготвуваат за настап на Европското првенство, додека Египет и Јапонија за настап на своите континентални првенства во Африка и Азија. Програмата на турнирот денеска почнува од 17.30 часот со мечот меѓу Грција и Египет.
Влезот во салата е слободен, а одбојкарите очекуваат добра пополнетост на трибините и поддршка за да фатат вистински „залет“ за Евроволеј 2023 кој почнува на 30 август.
МЕМОРИЈАЛ „ЧАЈКА“
СЦ БОРИС ТРАЈКОВСКИ
1 КОЛО – ДЕНЕСКА:
17.30 Египет – Грција
20.15 Македонија – Јапонија