Деспотовски пред стартот на ЕП: Да бидеме мудри и смирени, Данска е „наш калибар“

199

Ден за последни подготовки и анализи. Нашата одбојкарска репрезентација попладнево од 15:30 часот го има последниот официјален тренинг пред утрешниот почеток на Европскиот шампионат од групата „Ц“ во СЦ „Борис Трајковски“ во Скопје. Возбудата расте, притисокот од стартен успех исто така. Одбојкарите свесни за одговорноста која ја носат со себе како домаќини на ова ЕП, јасно посакуваат почеток со победа. Данска е репрезентација од „наш калибар“, па оттука и една од многу споменуваните две селекции против кои мораме да победиме, ако сакаме да го видиме осминафиналето во Бари.

Едно од најискусните имиња во нашата репрезентација, Филип Деспотовски, отворено зборува за се она што на 24 часа до првиот меч на ова ЕП минува низ главите на одбојкарите и стручниот штаб.

„Против Данска ни треба тоа што на минатите две првенства не го направивме. Фокусот беше насочен премногу само на првиот натпревар, но сега нема да биде така. Искусни сме, имаме две првенства зад нас и ќе играме како што е ред. Ќе одиме чекор по чекор, поквалитетни сме од Данска, играме дома, не смееме да се оптоваруваме со неважни работи, ни треба поголема мудрост и да го покажеме она што го знаеме. Некои од играчите на првите две европски првенства беа премногу оптоварени со настанот, но сега сме многу поискусни. Дури и позитивната трема е зад нас, помудри сме, но јасно ни е на сите во репрезентацијата, дека ќе биде тешко“, вели нашиот техничар.

За квалитетите на првиот противник, Деспотовски потенцира дека тоа е тим кој одлично ни е познат, што може да биде и добра страна за европската приказна која треба да ја пишуваме од утре.

„Данска е ривал од наше ниво. Немаат сменето многу од нивната игра, а мислам и дека не можат многу да променат, затоа што тоа е истиот тим со кој игравме во Европската лига. Нормално, сега се поискусни, но поискусни сме и ние. Во тој сегмент сме егал. Данска е противник по мерка и ривал против кој може да се носиме, за да можеме да продолжиме во Бари“.

Во слободното време меѓу тренинзите, нашата репрезентација ги следи случувањата и во останатите групи. Во една од нив, групата „А“, вчера беше и официјалното отворање на ова Европско првенство со одигрувањето на првиот натпревар.

„Заеднички го гледавме отворањето на ова ЕП и мечот меѓу Италија и Белгија. Сосема очекуван резултат и убедлив триумф на Италијанците. Ако зборуваме за Италија, таа е селекција на нивото на Полска во нашата група, и глупаво е да зборуваме за нивните фаворитски улоги. Полска е моќен тим, но јас сум убеден дека против сите останати четири селекции во групата, можеме да се носиме. Јас лично не ја исклучувам нашата шанса за победа и против Чешка. Ако можевме да ја добиеме Словенија во Словенија, зошто да не ја победиме Чешка на наш терен во Скопје“, заврши Деспотовски.

Македонија утревечер од 20 часот во СЦ „Борис Трајковски“ ќе ја има премиерата на првенството на Стариот континент. Одбојкарите посакуваат полна сала и поддршка за победа која ќе и го трасира патот кон осминафинале.

ПретходноФранција избегна срам против Либан на Мундобаскетот
СледноПосле 30 години Канаје си оди од Монпеље