Ден за историја! Македонската одбојкарска репрезентација вечерва (20 ч.) по третпат едноподруго ги започнува настапите на континенталната завршница на најдобрите репрезентации, но за првпат пред домашна публика, како организатор на едно европско сениорско натпреварување.
Македонија и Скопје ја добија организацијата на една од четирите групи на годинешниот Евроволеј 2023 и од денеска во наредните седум дена треба да се покажеме како добри домаќнини, организатори, но и пред се, квалитетни учесници на натпреварувањето на кое по третпат учествуваат 24 најдобри европски одбојкарски селекции. По двете учества во кои не успеавме да ја минеме првата фаза, желбата и целта пред оваа генерација одбојкари предводена од извонредниот стратег Јошко Миленкоски е јасна – пласман во осминафиналето. Тоа е целта уште од моментот кога ОФМ ја доби ко-организацијата на ова ЕП.
Денеска на премиерата против Данска ја имаме првата, од веројатно двете големи шанси за победи кои би требало да ни ја овозможат реализацијата на големата цел. Македонија во Скопје ќе се обиде да дојде до најмалку две победи кои би ни овозможиле пробив до едно до четирите места во групата кои водат во осминафиналната рунда. Данците ни се стар и исклучително добар познаник. Со нив, од 2014 година, па досега, сме се сретнале најмалку една дузина пати во европски натпреварувања, пред се Европската лига. Иако во годините порано ни беа редовен „пациент“, Данците сериозно ја кренаа формата во последните години, па во меѓусебните дуели со нив имаме само една победа во последните три дуели.
Данска за првпат игра на едно Европско првенство и тие во Скопје допатуваа со јасна визија – нема што да загубат. Како што и вчера истакна нивниот селектор Кнудсен очекуваат тежок меч, а фаворитската улога и ја препушти на Македонија само поради домашниот терен.
Нашите одбојкари вечерва заслужуваат добра посетеност на трибините на СЦ „Борис Трајковски“ и дополнителен „ветар в грб“ во обидот да ја оствариме првата од двете зацртани цели (победи) во групата кои ќе не доведат многу блиску до испишување на нова одбојкарска историја.
ДЕНЕСКА НА ЕВРОВОЛЕЈ 2023
ГРУПА А
18.00 Германија – Естонија
21.00 Швајцарија – Србија
ГРУПА Б
16.30 Словенија – Украина
19.30 Финска – Хрватска
ГРУПА Ц
20.00 Македонија – Данска
ГРУПА Д
16.00 Турција – Франција
19.00 Романија – Португалија