Македонскиот одбојкарски репрезентативец Филип Маџунков имаше мала повреда во подготвителниот период до почетокот на ова Европско првенство, па извесен период мораше да го помине во мирување. За денешниот премиерен меч на евроволеј 2023 во Скопје, нашиот среден блокер ќе биде комплетно „фит“ и ќе истрча во првата постава. Возбудата од првата пресметка со Данска на домашен терен на едно европско првенство се чувствува и кај него.
„Повредата е санирана целосно. Веќе сум во тренажен процес веднаш по завршувањето на турнирот „Чајка“. Секогаш на официјалните натпревари се очекува од мене да дадам и 110% од моите можности и така ќе биде и денеска. Во моментов сме фокусирани само на Данска, правиме анализи и се надевам дека ќе направиме одлична подготовка за мечот. Инаку, Данска е истата екипа која беше во Струмица од пред некоја година и мислам дека одлично ги познаваме. Искрено се надевам дека денеска салата ќе биде исполнета до последното место“, вели Маџунков.
Македонија вечерва од 20 часот во СЦ „Борис Трајковски“ го отвора Европското првенство со првиот меч од групата „Ц“.