Неколкумина одбојкари од нашата репрезентација се пожалиле на симптоми на настинка и грип со покачена телесна температура на ден пред одигрувањето на осминафиналето со селекцијата на Италија. Нашата селекција вчера пристигна во Бари, а утрово имаше тренинг во сала за кревање товар, по што за попладнево е закажан официјалниот тренинг во 18 часот. Селекторот Миленкоски вели дека со лекарите и останатите лица во стручниот штаб се надеваат дека ситуацијата брзо ќе се надмине.
„Скоро половина од екипата има симптоми на настинка и грип. Некои синоќа имаа и температура, но утрово, за среќа, сите бевме на нозе и одработивме тренинг во сала за кревање товар. Вечерва ќе бидеме на официјален тренинг, па се надевам дека до утрешниот меч ќе се кренеме на потребното ниво. Убаво е чувството да си дел од оваа елита. Италијанците не пречекаа како што доликува, во хотел сме со останатите репрезентации, имавме разговори со познати лица, со некои од нив не сме се виделе со години, па добро е што еве на ова Европско првенство имавме можност малку и да поразговараме. Ние нема што да загубиме. Се надевам во добра кондиција ќе влеземе на мечот со Италија и ќе покажеме дека не случајно сме тука во Бари“, вели селекторот на нашата репрезентација, Јошко Миленкоски.
Осминафиналето со Италијанците ќе го одиграме утре во Бари со почеток од 18 часот.