Бодот со Италија ќе биде златен ако се победи Малта!

453

СпортСпорт на Малта Игор Д. Ивановски

Без еуфорија, симнати на земја и со желба за победа! Трите бода се единствена опција за репрезентацијата на Македонија вечерва на Малта во мечот со аутсајдерот во групата на неговиот „Та Али“, стадионот во Ла Валета.

На ваквите гостувања во последно време сме немале проблем затоа што нашиот квалитет доминираше на претходните авантури со селекции од типот на Гибралтар, Латвиа, Лихтенштајн… Сега на менито е Малта која во март ја „скршивме“ во Скопје но со „тенки“ а заслужени 2:1.

Националниот тим е фокусиран кон денешниот противник и покрај тоа што пред неколку дена одигравме извонредно, храбро и позитивно 1:1 со големата Италија. Сепак лошиот јуни не раздрма и затоа сега дуваме на „јогурт“ и без право на опуштање влегуваме во финале за нас.

ВРАЌАЊЕ НА ОТПИШАНИТЕ ВО БОРБАТА ЗА ЕП

Со победа на Малта големиот бод со Италија ќе биде златен за репрезентацијата на Македонија. Ако по поразите од Украина дома (2:3) и дебаклот од Англија (7:0), бевме отпишани и прежалени сега со 4 бода од овој септември и трите бода од март дома со Малта, влегуваме во игра за второто место од пеколната група кое води на ЕП. Со 7 бодови и на три меча до крајот ќе имаме шанси, надеж, очекувања… А кога сме ние во игра секогаш се е можно и добро би било да сме во игра за сензација до самиот крај, до ноември и до Римската пресметка со Италија на „Олимпико“. Ние сме нивните „убијци“…

МОРА ДА СЕ НАПАДНЕ, НИ ТРЕБА БРЗ ГОЛ

Македонската репрезентација на ваквите дуели со селекции од типот на Малта знаела да ги реши многу брзо и елегантно. Така било на неколкуте претходни гостувања каде брзо, уште по првите 45 минути сме ги заверувале трите бода. Затоа вечерва ни треба брз гол, ни треба офанзивна игра. Селекторот Благоја Милевски има на располагање играчи кои треба да „тресат“ кои треба да излеза на површина и да покажат што знаат. Време е вечерва за Бојан Миовски! Тој дава многу голови за Абердин, но во националниот тим има минутажа, влегува во шанси но нема голови. Ова се тие натпревари како овој вечерва на Малта каде младиот шпиц треба да експлодира. Ако не оди тука е Нестор, тој е машина за вакви дуели кои знае да ја искористи секоја шанса. Како што е познато вечерва поради повреда нема да играат Столе Димитриевски и Аријан Адеми.

МАКСИМАЛНА ПОДДРШКА ОД „ФАЛАНГАТА“

На Малта има многу нашинци кои живеат и работат но има и група од околу 100 навивачи кои од Македонија преку летовите од Скопје и Ниш слетаа веќе во Ла Валета за да ја бодрат репрезентацијата. Има две фан зони во градот пред дуелот каде ќе се собира „фалангата“ која знае како да направи атмосгфера и да се загрее пред натптреварот. На трибините се очекуваат околу 3.000 наши навивачи а максималната бројка која би требало да ја има на стадионот е 5.000 до 6.000. Што значи дека има големи шанси нашите да бидат побројни од домашните фанови. Има и локалци кои навиваат за Наполи и кои лудуваат по Елиф Елмас и поради него навиваат за Македонија. Ќе биде весело но мора да се победи. Немаме друг избор а фудбалерите треба да изгинат на теренот. И самите се свесни дека без максимално залагање ништо не е лесно а Малта е селекција која има и сила и знаење да ни направи нови непотребни главоболки.

ПретходноПознат е составот: Димоски е стартер и “џокерот“ на Милевски!
СледноБилетите за Вардар 1961 и Пелистер од 150 до 250 денари!