„Ко то тамо пева“…

1837

✍️ Марија Ковачева

На Пелистер му треба време за да се прилагоди на темпото, но и квалитетот кој го бара Лигата на шампионите. Факт, кој држи вода, но кога на теренот сликата дава надеж, слика која ќе биде поинаква од оваа вечерва во Арена Загреб.

Ако против ПСЖ, фановите заедно со играчите и стручниот штаб се „тешеа“ дека беа рамноправен противник, најверојатно заборавија или не сакаа да си признаат дека Раул Гонзалез правеше свои комбинации, играше топло-ладно или едноставно штедеше сили против битолчани.

Дојде нова, главна задача, нов тест за ракометарите на Пелистер. ППД Загреб требаше да ја даде вистинската слика за силите со кои располага овој клуб, поточно да даде одговор на прашањето дали парите ги оправдуваат целите?

Во едно чудно прво полувреме во кое хрватскиот првак беше еднакво очаен како и македонскиот првак резултатот беше изедначен (10-10).

Но, во еден тим во кој добро се знае кој што треба да игра, а инструкциите доаѓаат од еден тренер, тогаш работите стануваат многу појасни.

Во Пелистер веќе од коло во коло гледаме нешто што се чини го има само на клупата на битолчани – измешани тренерски улоги.

„КО ТО ТАМО ПЕВА“….вака најблиску може да се опише ситуацијата во Пелистер. 

Уште на никого не му е јасно во кои моменти главен тренер е Алксандар Јовиќ, а кога пак е Звонко Шундовски. Брзините се измешаа, од меч во меч сето ова личи на едно безредие.

Да, нивното тренерско знаење познавање не е спорно, но просто станува збунувачки. Којзнае како сето ова влијае врз играчите. Нервозата станува видлива. Тајм-аутите не лажат, кога едниот е пред другиот…

Овој Пелистер во кој се вложува, овој Пелистер кој ја врати вербата во ракометна Битола заслужува многу подобро поделени улоги, заслужува многу подобро од денешните 45 минути.

Можеби е време за промени. Иако сезоната штотуку почна, но целта на еден тим со голем број странски играчи не е само да се учествува, туку и да се покаже многу повеќе од ова вечерва.

Пелистер не заслужува ваков хаос. Двајца на еден стол дефинитивно не можат да седат – кога тогаш ќе се скрши…

ПретходноКолштад му го зеде скалпот на Кил, Сагосен без милост (ВИДЕО)
СледноЈовиќ: Немавме решение во последните 15 минути