Порто за кого настапува Никола Митревски не успеа да го преживее гостувањето кај бранителот на титулата. Португалскиот тим беше совладан со 37-33 и го запиша третиот пораз во Лигата на шампиони.
Првото полувреме беше “тесно“, Магдебург водеше со 18-17, а веќе во вториот дел успеа да дојде до солидна предност која му ја донесе третата победа во групата Б. Македонскиот репрезентативен голман запиша пет одбрани.
Драмата во Кјелце во група А во која се наоѓа Пелистер, заврши без победник. Полскиот клуб и Пик Сегед одиграа 27-27, Морито успеа да се избори за бод, на другата страна гостите не успеаја да го искористат последниот напад за победа.
Морито со шест гола беше најефикасен во редовите на Кјелце, кој беше без помошта на првиот голман Волф и Алекс Душебајев.
По комплетирање на петото коло, Пелистер е последен во својата група без победа, ваков скор имаат Висла Плоцк и Целје.