29-годишниот канадски среден блокер Ухена Офоха е последното засилување за македонскиот одбојкарски првак Струмица пред настапот во првото квалификациско коло во најсилното европско натпреварување, Лигата на шампионите. Офоха во последен момент стана замена за Колумбиецот Карабали, чиј трансфер во Струмица пропадна во последен момент, иако начелно деталите од соработката биле договорени.
„Офоха е новото засилување за Струмица. Станува збор за канадски среден блокер, кој има и европско искуство, висок 201 сантиметар и кој веќе пристигна и ќе ни се придружи веднаш на натпреварите во Лигата на шампионите во Бугарија“, ни потврди претседателот на клубот Владо Милев.
Ухена Офоха последната сезона ја мина во САД во дресот на Сан Диего, а претходно има настапувано во екипи од Романија, Франција, Германија, Шпанија… Струмичани во среда заминуваат за Бургас, каде од петок ги започнуваат настапите на квалификацискиот турнир во Лигата на шампионите на кој покрај Струмица и домаќинот Нефтохимик, ќе играат и унгарски Капошвар и екипата на Будва од Црна Гора.