Струга ТЛ со 4:0 успеа да го победи Вардар денеска на свој терен, во оној застанат меч од 5.коло во ПМФЛ. Шампионот како што и се очекуваше,беше подобар, создаде повеќе шанси, но сепак головите паднаа во второто полувреме. Прво Бесарт Ибраими го “отвори“ Вардар во 56.минута за потоа и Мазрекај во 75.минута го удвои водството. Во 84.минута Таири постигна гол за 3:0, а Јаровиќ во 90+3.минута стави точка на мечот со гол за 4:0.
Со овие три бода сега Струга ТЛ е со бод помалку од водечките Шкупи и Шкендија.
За Вардар ова беше прв пораз по победите над Работнички и Брера во изминатите три натпревари, па така остана последен на табелата.
Првите дваесетина минути од мечот речиси и да немаше ништо, како да се испитуваа силите. Струга ТЛ почна да биде поагресивна од 24.минута кога Бојку ја имаше првата шанса. Почна да се игра “викторија“ пред голот на Вардар и се редеа шансите кои ги креираа домашните, но гол немаше па немаше, и со тој резултат од 0:0 се замина пауза.
Ибраими во 33.минута имаше голема шанса, потоа и Малиќи кој беше сам, но не успеа да ја смести топката во мрежата на Гачевски. Во самиот финиш на полувремето Ибраим и Радески се заканија и тоа опасно, но рековме веќе, голот на Вардар, на Гачевски како да беше магепсан.
Второто полувреме започна со одличната одбрана на Гачевски по шутот на Компаоре. А во 56.минута конечно видовме и гол и тоа во изведба на “бомбардерот“ Бесарт Ибраими кој откако убаво си се намести пред голот на Гачевски ја затресе мрежата на гостите за водство на шампионот од 1:0.
Ова е негов 192 гол во кариерата во ПМФЛ. Се поблиску е до фамозната бројка од 200 голови.
По тој гол Вардар како да се подотвори, почна да креира акции на средината од теренот, но тоа беше премалку за да се направи нешто повеќе.
Тоа го искористија домашните, сега имаа повеќе простор и по една убава акција, Мазрекај во 75. од лево постигна убав гол за 2:0 за шампионот.
И тоа не беше се, во 84.минута Фљамур Таири зголеми на 3:0 откако претходно Јаровиќ шутираше со глава а Гачевски ја одби таа топка, натрча Таири и стрелаше во празната мрежа на Вардар.
Јаровиќ во 90+3.минута стрелаше за конечни 4:0 и за убедлива победа на Струга ТЛ.
ТАБЕЛА
Шкупи 25, Шкендија 25, Струга ТЛ 24, Силекс 20, Брера 15, Тиквеш 15, Брегалница 14, Гостивар 14, Работнички 13, Македонија ЃП 12, Воска 12, Вардар 11 бодови