Кошаркарите на Пелистер го претрпеа и вториот пораз во новата сезона на АБА 2 кошаркарската лига. Денеска на турнирот во Златибор во својот прв меч, битолчани загубија од Војводина со 74:64.
„Зелено-белите“ на Радуловиќ добро го отворија мечот и одиграа одлични први 10 минути во кои успеаја да направат предност од 8 поени разлика (22:14). Во вториот период Војводина го крена темпото на игра и успеа да намали на три поени, со кои Пелистер замина на пауза со преност од 37:34.
Во третиот период видовме голем пад во играта, особено шутот кај битолскиот тим. За разлика од нив Војводина беше непогрешлива и направи +15 кои практично и го прекршија мечот во полза на новосаѓани. Во последниот период Пелистер успеа да се стабилизира, но не и да ја анулира високата негатива на противникот. Војводина со тоа ја запиша втората победа во третиот меч.
Бернар запиша 16 поени за Пелистер и беше најефикасен кај нашиот тим. Маслинко имаше 13, а Планиниќ уфрли 12 коша. Кај Војводина Вучетиќ со 13 поени беше најефикасен.
Следниот меч на Пелистер на турнирот во Златибор е в петок против ТФТ во македонската пресметка.
фото: Драгана Стјепановиќ (АБА)