Евертон е казнет со одземање на 10 бодови поради кршење на правилата на финансискиот фер-плеј и со оваа одлука, која стапи на сила веднаш, падна на дното на табелата со само четири бода. Од „Гудисон парк“ најавија борба на зелена маса, а прво што направи е поднесување на жалба на одлуката.
После оваа одлука, со нетрпение се очекува одлуката на Премиер лигата за случаите со Манчестер Сити и Челзи.
Многумина им е чудно што многу бргу и лесно ги казнуваат помалите клубови, а не ги „чепкаат“ големите кои и тоа како прават прекршоци кога се работи за ФФП. „Дејли меил“ пренесува дека Сити и Челзи се соочуваат со исфрлување од Премиер лигата.
Тоа не е официјална информација, туку мислење на поранешниот финансиски советник на „граѓаните“ Стивен Борсон.
„Според мене -10 поени за Евертон е висока казна за прекршување на ФФП. Ако за нив е доделена ваква казна тогаш Сити и Челзи (ако се докаже дека се виновни) треба да бидат префрлени во пониските лиги“.
Сити се соочува со 115 прекршувања на финансискиот правилник на Премиер лигата, а Челзи е гонет за нелегални исплати пристигнати од оф-шор сметки во времето на Роман Абрамович.