Тони Лазов освои велемајсторска норма на Европското екипно првенство во шах

77

Од 11 до 20 ноември во Будва, Црна Гора, се одржа Европското екипно првенство во шах, на кое настапија и репрезентациите на Македонија.

Членот на ШК Алкалоид ИМ Тони Лазов беше дел од составот на машкиот тим и од селекторот Атанас Кизов доби задача да игра на четвртата табла, при што освои 6,5 бода и ги играше сите 9 партии. За 23-годишниот неготинчанец овој резултат ја донесе првата велемајсторска норма во неговата кариера, откако пред четири години ја освои титулата Интернационален мајстор, а како младинец во 2014 година беше на делба на деветтото место на тогашното ЕП за јуниори до 14 години во Батуми, Грузија.

„Не се подготвував ништо специјално, освен стандардните анализи што ги правам пред настап на нов турнир. Можам да кажам дека ми тргна одлично, а потоа успеав да ја задржам концентрацијата до крај. Мислам дека пресудно беше тоа што верував дека можам да ја освојам оваа прва велемајсторска норма“, вели Лазов во својата прва изјава по настапот во Будва.

Овој резултат од Будва доаѓа откако на Првенството на Македонија кон крајот на август Лазов стигна до уште една титула со сениорскиот тим на ШК Алкалоид, при што имаше шест бода од шест настапи. Овојпат со 6,5 поени од 9 партии тој се најде и на 10. место според индивидуален резултат меѓу сите играчи во конкуренција на четвртата табла, со рејтинг-перформанс од 2.600, кој укажува на тоа дека турнирот го одиграл на многу повисоко ниво од неговиот актуелен рејтинг 2.356, кој сега ќе биде зголемен за нови 27 поени.

„Настапот на Лазов се карактеризираше со сигурна игра и со сериозен пристап и тоа веднаш донесе резултат. Едноставно, изгледа подготвено и се забележува дека работел, па затоа и нормата е сосема заслужена. Дури играше и две-три партии додека беше болен, па и тоа треба да се земе предвид кога се оценува неговиот успех“, изјави ИМ Атанас Кизов, селектор на машката репрезентација.

Во конкуренција на 38 екипи Македонија имаше почетен ранг 32 и со освоени 6 бода се наоѓа на делба од 32. до 36. место.

Женската репрезентација, исто така, имаше почетен ранг 32 и со 7 поени се најде на делба од 23. до 27. место. Актуелната државна шампионка ЖФМ Моника Стојковска, член на ШК Алкалоид, играше на првата табла против многу посилни противнички и на крајот го подобри својот рејтинг за нови 10 поени.

ПретходноСејдини: Моментот кога 30.000 срца на стадионот експлодираа од радост (ВИДЕО)
СледноНишто од нов договор со Реал: Анчелоти веќе потпишал договор со Бразил!?