Полна сала и мотив до небо: Струмица вечерва атакува на прва европска победа

128

По неуспешниот настап во Лигата на шампионите, одбојкарите на шампионот Струмица денеска (19 ч.) во својата сала „Парк“ го продолжуваат европското патување со натпреварот од 1/16-финалето на Купот на ЦЕВ против германски СВД Дирен. Новиот предизвик за тимот на искусниот стратег Кире Ричлиев е вистинската „легија на странци“ од Бундеслигата, која минатата сезона заврши како полуфиналист во плеј-офот, каде беше поразен од актуелниот првак БР Берлин Волеј.

СВД Дирен има исклучително респектабилен состав кој е практично интернационален тим со сериозни амбиции во европските натпреварувања. Германскиот противник на Струмица во својот ростер оваа сезона има само тројца Германци, додека сите останати одбојкари се странци. Меѓу најзвучните имиња е коректорот на грчката репрезентација, Димитрис Мухлиас, кој летово со селекцијата на Грција беше и во Скопје и практично сам не победи на дуелот на Меморијалот „Чајка“ реализирајќи 20 поени.

Германците новата сезона во Бундеслигата ја почнаа со 5 победи во исто толку одиграни натпревари и се на делба на првото место на табелата. Непоразен е и нашиот првак, кој доминира веќе неколку сезони наназад на домашната одбојкарска сцена.

Струмичани најавија дека на денешниот меч одат на победа. Младиот состав со неколку искусни одбојкари  и надополнет со три странски засилувања кои полека се вклопуваат во тимот имаат јасна цел – да ја израдуваат домашната публика. Одбојкарите на нашиот шамион очекуваат навивачите во голем дел да ја исполнат салата „Парк“ и да им дадат потребна помош на своите миленици да обезбедат една голема европска победа пред гостувањето во Германија за 7 дена.

Судии на средбата ќе бидат Варбанов од Бугарија и Геротодорос од Грција.


СТРУМИЦА: 3. РИЧЛИЕВ Ефтим (техничар); 4. МИХАИЛОВ Васе (либеро); 5. МИЛЕВ Јован (примач); 7. СМИЛКОВ Христијан (примач); 8. АРАПОВ Ване (техничар); 9. НАКОВ Славе (блокер); 11. СТАНКОВ Филип (примач); 12. УХЕНА Офона (блокер); 13. МИЛЕВ Владо (примач); 14. ИЛИЕВ Кристијан (коректор); 15. ГЛОБОЦКИ Деан (примач); 16. ОМ ХЕНИ Саад (коректор); 17. ГРКОВСКИ Филип (блокер); 18. БЕН ТАЛЕБ Хамди (примач). ТРЕНЕР: РИЧЛИЕВ Кире.

СВД ДУРЕН: 1. МУХЛИАС Димитрос (коректор); 2. ВЕГНЕР Нико (примач); 3. НОСЕ Шохеи (либеро); 4. СПУЛАК Пеетр (блокер); 5. ВАН ДЕР ЕНТ Лук (блокер); 6. ГАВЛАШ Кристофер (техничар); 7. КОТСАКИС Фрохос (примач); 8. БАГДАДИ Робин (примач); 9. ЕРНАСТОВИЧ Марчин (примач); 11. АНДРЕИ Михаил (блокер); 12. КОРЕНБЛЕК Зибе (блокер); 13. ГЕВЕРТ Себастијан (коректор); 15. МЕЈЕР Лео (техничар); 16. БЕРНСМАН Лео (либеро). ТРЕНЕР: АЛАТАЛО Мати.


 

ПретходноЕУРО 2024: Ова се двојките за 1/2 финалните бараж натпревари за пласман на ЕП, БиХ против Украина!
СледноСудии за ПМФЛ: Пројковска ќе им суди на Тиквеш и Брера, Грујоски “главен“ во Штип