Струмица доцна се разбуди: Дирен со убедлив триумф пред реваншот во Германија

190

Одбојкарите на Струмица се убедливо поразени на првиот меч од 1/16-финалната рунда од ЦЕВ Купот. Вечерва во салата „Парк“, германскиот бундеслигаш Дирен однесе убедлива победа од 0:3 (15-25, 19-25, 17-25) и со една нога си го отвори патот кон осминафиналето.

Евидентно беше дека Струмица мечот го почна во грч. Серијата на свој сервис која ја направи коректорот на гостите Мухлиас уште на стартот донесе огромна предност за бундеслигашот, која подоцна беше веќе тешко да се стигне. Дирен имаше 10 поени предност веќе на 5:15 во првиот сет, а до крајот само бркаше што помала негатива. Дирен покажа фантастична игра на блокот, кој најчесто како троен беше непремостив и за Владо Милев и за останатите смечери во редовите на нашиот првак. Во финишот на сервис на Ричлиев, Струмица успеа да направи серија од три поени со кои успеа да дојде до попристојна негатива за 15:25.

За жал и вториот сет не беше ништо поинаков. Дирен наметна силно темпо и успеа да направи одлична предност од 4:12. Струмица, конечно, почна да наликува на шампионски тим и со серија од 4:0 ги натера госите да повикаат тајм-аут. Струмица заигра многу подобро, се доближи до предноста на Дирен и успеа сетот да го внесе во малку поголема неизвесност. Финишот, сепак, им припадна на гостите, кои искористија една од првите две сет-топки за 19:25 и водство од 0:2 во сетови.

Третиот сет тргна најизрамнето. Струмица одлично отвори и се држеше во егал се до 10:10. Потоа гостите ја направија предноста од два поени, која успешно ја одржуваа за и овој трет сет да го внесат во мирна завршница. Иако се разиграа и Бен Талеб, Ом Хени и Владо Милев, сепак, предизвикот да се добие овој сет беше очигледно преголем. Дирен ја искористи предноста и успеа и овој сет да го заврши со високи 17:25 за конечен триумф.

Интернационалците во струмичкиот тим беа најдобри реализатори. Бен Талеб имаше 9, Ом Хени 7, а Ухена 6 поени. Кај Дирен најдобар поентер беше коректорот Мухлиас со 15 реализации.

Со оглед на овој резултат, на реваншот во Германија нашиот првак заминува со мали шансиза конечен успех.

ПретходноРајковиќ подобар од Димитријевиќ во македонскиот дуел во ВТБ лигата
СледноПелистер се жали во ЕХФ за судeњето на мечот со ПИК Сегед во ЛШ