СпортСпорт во Дизелдорф, Марија Ковачева
Германија е ветената земја за многу Македонци. Спасот од сивилото од година во година многумина го бараат токму во оваа земја која е домаќин на Европското првенство, кое официјално стартува утре.
Германија во јануари не дава слика на идила ама сето она што се гради (начинот и брзината), принципите, доволно говорат за каква држава станува збор.
Не сме првпат во Германија ама првпат видовме како еден стадион за кратко време стана голема Арена која ги исполнува сите критериуми за да се одиграат ракометни натпревари од европски карактер.
Реконструкцијата траеше кратко. Германците стадионот не го затворија пред еден месец, тоа го сторија на четири дена пред стартот на Европското првенство. Гледајќи ги фотографиите од Скопје си реков кога ќе стапнам на стадионот сигурно ќе најдам мана, на пример ќе биде ладно.
Ама се излажав.
Првите не пречекаа колегите од МРТ, кога тргнавме со домаќините да направи кратка прошетка низ стадионот, ни рекоа утре дојдете по кратки ракави, внатре е пекол.
Само се насмеав, си реков во себе: да, да…сигурно. Само што влеговме на трибините не „удри“ топол бран. Чудно ама вистинито, Германците ни приредија чудо, на стадионот е претпло, ако биде утре вака – нема да се дише.
Што се однесува до мојот песимизам за сали или пак стадиони во себе го иммавасадено бидејќи доаѓам од Македонија. Додека во Германија прават чуда, ние сме навикнати да седиме во ладни и нечисти сали, нашите спортисти немаат основни услови за тренинг.
Првиот и основен чекор за градење на една спортска стратегија на државно ниво одамна е прескокнат.
Едноставен пример е СЦ „Јане Сандански“, сала која е под концесија на најголемата федерација во Македонија (МОК) е постојано ладно. Играчите се жалат ама бадијала, кој да ги слушне. Вулканот кој пред само неколку години пречекуваше врвни европски ракометни имиња, сега е само бледа слика. На трибините треба да бидеш добро облечен, како во старите добри времиња во познатата „Лименка“, ако сакаш да преживееш. Ладничко е…
Веќе стана пракса да се штеди на греење, да не се мисли на хигиената…особено после големите концерти. Важно е да се наполни џебот, па што сака нека биде – овие „будаливе“ нека трчаат, нека се снаоѓаат…овие кои го носат националниот дрес или овие кои ја создаваат иднината на македонскиот спорт.
Да се навратам назад.
Стадионот „Меркур Шпил Арена“ е подготвен за историја. На ова место утре ќе има над 50.000 фанови, на ова место не чека ракометен спектакл, а дел од него ќе биде и Македонија, ќе игра против Франција (18 часот) во рамките на првото коло во групата А.