Лазаров: Важно е да се бориме, оние 55.000 луѓе на трибините сакаат да видат спектакл!

314

СпортСпорт во Дизелдорф, Марија Ковачева

Македонската ракометна репрезентација привршува со подготовките за Европското првенство. Утре на стадионот „Меркур Шпил Арена“ ќе биде испишана историја, а дел од неа „црвено-жолтите“. ЕХФ и официјално потврди дека ќе биде урнат рекорд стар 10 години.

Македонија и Франција први ќе истрчаат на теренот пред повеќе 53.000 фанови во дуел од групата А. За секој ракометар и тренер овој момент ќе биде посебен. Германците направија чудо.

„Голема е честа за сите нас да бидеме дел од тој историски натпревар, да играме пред 55.000 навивачи, што секако ќе биде голем мотив за нашите ракометари. Тоа е одлично за ракометниот спорт, за сето она што се обидуваме да го направиме за да се приближиме до кошарката, а ако некој знае како сето тоа да го организира, тоа секако се Германците. Едвај го чекаме почетокот на тој натпревар, против себе имаме неверојатна силна репрезентација, но ние ќе настојуваме да се прикажеме во добро светло“, ни изјави селекторот Кирил Лазаров.

Предводникот на нашиот национален тим во својата богата кариера има играно многу мечеви, но ниту еден ваков сличен. Па го прашавме дали барем малку има желба да се врати на теренот, со оглед на спектаклот кој се подготвува тука во Дизелдорф.

„Искрено, не ми фали играњето ракомет. Можеби и малку претерав, играв подолго отколку што беше предвидено. Можеби во текот на натпреварот ќе ми дојде момент, да ме повлече, да сакам да влезам и да одиграм барем малку, но во секој случај ќе уживам во овој спектакл крај аут-линијата“

Нашите момци нема да имаат лесна задача ниту на отварањето на ЕП, ниту пак во продолжение на шампионатот. За првиот противник Франција не треба да се трошат многу зборува. Иако Македонија е аутсајдер на оваа средба, сепак во изминатиот период Лазаров со неговиот стручен тим работеа на тактиката за противникот.

„Секогаш настојувам детални да ги анализирам противниците, но кога ја гледам Франција – тоа навистина е толку моќна репрезентација што е невозможно да биде запрена ако влезе во ритам. Затоа и во консултации со стручниот штаб решивме да не им дадеме детален скаутинг за секој противнички играч. Со тоа само уште повеќе би ги збуниле, затоа решивме да им дадеме одредени конкретни информации за подготовка на овој меч, без премногу „замарање“, бидејќи ако тргнеш да ги кажуваш индивидуалните квалитети, може да дојде до хаос. Затоа, дадени се јасни и конкретни задачи за кои верувам дека во најголем дел ќе бидат исполнети“

Најдобриот македонски ракометар на сите времиња од своите момци против Франција ќе бара неколку работи: борбеност, сполетност и страст. Посакува „Фалангата“, а и тие да не го напуштат теренот разочарано.

„Јас искрено сум презадоволен од тоа како момците во работеа во целиот овој период. Да, утре играме со Франција, знаеме каков индивидуален и колективен квалитет поседува овој ривал, но и да загубиме, важно е да излеземе на терен и да се бориме, да изгледаме сплотени, да покажеме дека имаме потенцијал на сериозна репрезентација. Оние 55.000 луѓе на трибините ќе сакаат да видат спектакл, ние не смееме да потфрлиме. Ако има борба, ако има страст, ако нема предавање, верувам дека нема да ги разочараме и нашите навивачи“, заврши Лазаров. 

ПретходноИ официјално: Ване Крстевски во дресот на Шкендија! (ВИДЕО)
СледноБарселона никогаш не била толку неубедлива во својата историја