СпортСпорт во Берлин, Марија Ковачева
Фарски Острови е најубавата приказна која доаѓа од првиот дел на Европското првенство кое се одржува во Германија. Ракометарите на оваа земја испишаа историја на овој континентален собир, го освоија првиот бод во дебитанскиот настап и тоа против Норвешка.
На крајот Фараните групната фаза ја завршија на последното место на табелата во групата Д зад Полска, Норвешка и Словенија.
Од оваа земја во која популацијата е 54.000, а бројот на овци е поголем, има над 80.000 грла, доаѓаат интересни податоци поврзани со овој дебитански настап на едно големо натпреварување.
За време на Европското првенство ниту едно училиште не работело, сите биле затворени токму поради овој голем момент за оваа земја.
Во „Мерцедес Бенц Арената“ имаше 5.000 навивачи, бројката ќе била поголема, но немале доволно летови за да дојдат во Берлин, па дел останаа од дома да ги бодрат своите херои.
Оние кои дојдоа направија неверојатна атмосфера и испратија порака ширум светот, како се бодри својата земја и во победи во порази. Сите три натпревари ги гледаа од нозе, ретко кој беше седнат. На првиот дуел против Норвешка, се обидоа дури и да ја пејат химната на оваа земја, покажувајќи респект кон противникот.
Пред секој натпревар својот тим го пречекуваа со ѕвездено небо, а по двата порази останаа да ги поздрават своите ракометари, поклонувајќи им се за незаборавните јануарски денови во Германија.
За многумина Ф. Острови е потценет тим, од аспект што секогаш бил речиси сигурен противник за победа. Но, оваа земја која составена од 18 острови е автономна, е една од трите држави која го сочинува Кралството Данска.
Па оттука, одлучија да го земат данскиот систем на ракомет и да почнат да градат тим за долги стази, почнаа од нула, а според она што можеме да го видиме, тоа и успеало. Веќе во својата земја ќе градат голема сала, која ќе биде „фабрика“ за ракомет.
Во составот на Фарски Острови има играчи кои го носат дресот на Кил, Фуксе Берлин.Првата ѕвезда, 21-годишниот Елијас Елфенсон Скипаготу игра во Кил и тој е замена за Сагосен. Хаум Вест ав Тејгум како играч на Сакндеборг, тој на битолчани им даде 11 гола, а сега игра за Фуксе Берлин.
Бајката продолжува, веруваме дека во својата земја ќе бидат пречекани како херои.